Иван Јорданов: Штип доби нов градоначалник уште во прв круг

Седмите по ред локални избори покажаа дека Штип ќе добие нов градоначалник во прв круг. Вака Иван Јорданов, кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ ги коментираше резултатите. Јорданов се заблагодари на поддршката, потенцирајќи дека народот ја избра новата иднина за Штип.

„Најпрво сакам да се заблагодарам на сите мои сограѓани коишто денес со пенкало во рака се исправија пред неправдите. Ова е победа на нашите сограѓани коишто ја направија во нашиот Штип, градот којшто заслужува промени. Нашите сограѓани одлучија дека на Штип и на штипјани им е потребна нова иднина. Затоа сакам најпрво од срце да се заблагодарам, но исто така оваа поддршка е уште поголема одговорност да се зафатиме со чесна, принципиелна и одговорна работа и сето она кое што го ветивме во нашата изборна програма да го реализираме со многу љубов и желба за да ја вратиме довербата кај нашите сограѓани“, истакна Јорданов.

Вчеравечер, симпатизерите на ВМРО – ДПМНЕ славеа на Плоштадот „Слобода“, на сè уште необработени податоци, но неофицијално со голема разлика.

„Од тоа што го имаме како сондажа и од резултатите коишто ги добивме, во овој момент имаме околу 3000 гласа разлика предност пред нашиот опонент, односно пред досегашниот градоначалник. И тоа е предност која што, повторно ќе кажам, ја дадоа нашите сограѓани. Ова е нивна победа, ова е нивна предност“, додаде Јорданов.

Сега неофицијално од податоците во сите 80 избирачки места во Штип, Јорданов однесе убедлива победа со 54,22% од гласовите. Разликата помеѓу кандидатите на двете најголеми политички партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ е 3.875 гласови во полза на Јорданов со 13.085, наспроти Николов, кој има 9.210 гласови.

Ребека Спасова МНет