
Површините во општина Лозово останале од 20 до 25 дена без вода за наводнување, велат тамошните земјоделци. Штетите поради високите температури се катастрофални и ненадоместливи. Велат, на оваа температура да нема вода најмалку три до седум дена, сѐ ќе изгори. Жителите од селата Дорфулија, Каратманово, Милино се разочарани што им пропаѓа целата работа, па и покрај маката, ќе останат без род.
На површините на територија на општина Лозово се одгледува пченка, пченица, луцерка, лозје, тутун и сончоглед, но многу од овие култури, особено лозјето, велат жителите, веќе се изгорени од температурите над 40 степени. За нив е нејасно како браната Калиманци беше на неколку сантиметри до претекување, а кај нив каналите се суви.
Раководителот на кочанската подружница на АД Водостопанство – „Брегалница“, Благојчо Богатинов, вели дека водата на површините во општина Лозово е пристигната во четвртокот, меѓутоа во моментов се под рестрикција. Посочува дека е направен план и во моментов вода има во Ерџелија, Мустафино и светиниколско, а потоа повторно ќе се пушти во Црнилиште, Сарамзалино и селата во општина Лозово. Потенцираше дека е направен договор со земјоделците и се оди по определен план кој во моментов се почитува.
Ребека Спасова М-Нет