
Денарот е стабилна валута, од осамостојувањето на државата па до денеска се држи стабилно. Денеска во Економскиот факултет во Штип се одбележа 31 година од монетарната самостојност, односно воведувањето на денарот како национална валута и осамостојувањето на централната банка. Професор Стеван Габер вели дека и покрај сите предизвици кои се присутни во државата, но и во светот сепак денарот како валута се држи стабилно.
„Сметам дека државата соодветно ги врши своите надлежности и слободно можам да кажам дека денарот е стабилна валута, соодветно се реализираат сите замислени цели на монетарната политика. Секако има предизвици кои се неизбежни и сите не погодуваат, но соодветно имаме експерти, институции кои добро функционираат и се преземаат мерки за да се надминат предизвиците“- вели Габер.
Дека стабилноста на македонскиот денар е забележителна согласен е и професор Дарко Лазаров. Уверува дека Народната банка има инструметни со кои и понатаму може да се оддржува стабилна економијата во државата.
„Мислам дека денот за одбележување на воведувањето на денарот и во контекс на сосотојбите во државата во делот на зголемување на инфлацијата едноставно она што треба да го задржиме како константа е фиксниот девизен курс и одржување на рамнотежата на девизниот курс. Јас сум сигурен дека Народната банка на Македонија има сериозни инструменти кои се гарант дека девизониот курс на македонската економија и понатаму ќе биде стабилен.“ – вели Лазаров.

Во однос на предизвиците кои се случуваат на светско ниво, според економистите тоа не би требало директно да влијае врз нарушување на стабилноста на македонскиот денар.
„Реално во глобалната кошничка на резервни валути доларот многу помалку учествува, доминантна валута е еврото. Сите евентуални шокови и предизвици кои би настанале во поглед на нашата валута може да произнесе само од некои нерамнотежи поврзани со еврото. Но, во поглед на доларот не верувам дека ќе имаме некои посериозни консеквенци иако реално живееме во едно турбулентно време каде се случуваат големи промени“ – додава Габер.
Дека македонскиот денар останува стабилен уверуваат и од Народната банка дури и во актуелната ситуација со војната во Украина. Девизните резерви растат, а банкарскиот систем е стабилен, ликвиден, доволно капитализиран и може да обезбеди кредитна поддршка за економска активност.
Лаура Стојанова М-Нет