
Земјоделците од кочанскиот регион денеска на средба ги констатираа тековните проблеми со кои се соочуваат. Оризопроизводителите посочија оти веќе имаа доволно пречки и проблеми во производството, па сега чашата ја прелива и тоа што се намалува откупната цена на оризот поради увозот на ориз од страна. Како што вели Стојче Ташковски, тоа ќе биде причина плус за разочарување и стремеж за напуштање на државата.
„За жал гледате дека цената почна да се движи нагоре, но, еве, повторно имаме една стагнација на состојбите и мислам дека ова ќе доведе до уште поголемо намалување на производството поради разочарувањето кај нас земјоделците и поголемо иселување на младите од овој простор. Во периодот кога имавме проблеми и болести кај оризот, кога имавме недостаток и ненавремено насејување на површините, најава за зголемување од Водостопанство, го минавме сето тоа, сега ова е капак на сѐ, имаме увоз на ориз којшто е тежок удар за нас и мислам дека ќе донесе уште поголемо разочарување“, вели Ташковски.
На состанокот присуствуваше и Цветан Трипуновски од Републичката комисија за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи оти трговецот и понатаму го јаде лебот на земјоделецот, а во државата е влезен ориз од Индија, Пакистан, Италија, за кој не се знае дали е контролиран.
„Ова се случува затоа што, според информациите до коишто дојдовме од Царинската управа, во Република Македонија изминативе два месеца се увезени преку 100 тони бел ориз, потеклото на оризот е од Индија, Пакистан, Италија итн. Тоа многу влијае на домашното производство. Се поставува прашањето каков ориз влегува, дали е тој безбеден за македонските граѓани, дали некој го контролира. Дали институциите прават контрола на терен и дали македонскиот, кочанскиот ориз се меша со некои увозни сорти, па се манипулираат и потрошувачите“, вели Трипуновски.
Заклучокот од средбата е конкретна состојба на оризопроизводителството и, генерално, земјоделството во овој регион, а ќе се разгледува дали има услови за одржување генерален штрајк.
Ребека Спасова М-Нет