
СВР Штип е меѓу секторите на МВР каде што вчера беа констатирани прекршоци во рамки на засилената акциска контрола насочена кон возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
Контролата, спроведена на 23 август во периодот од 17:00 до 22:00 часот на територијата на целата држава, резултираше со вкупно 140 констатирани прекршоци, од кои дури 102 се однесувале на управување без задолжително носење заштитна кацига.
На подрачјето на СВР Штип биле регистрирани девет прекршоци, по што се преземени соодветни мерки и санкции согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Најголем број прекршоци биле констатирани на подрачјето на СВР Струмица – 33, потоа во СВР Тетово и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот – 17, СВР Куманово – 15, СВР Битола и СВР Охрид по 13, СВР Велес – 12 и СВР Скопје – 11.
Во рамки на контролата биле откриени и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол, додека за осум возачи се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Покрај овие случаи, полицијата констатирала и 156 прекршоци од друг вид.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од СВР и МВР апелираат до мотоциклистите, мопедистите и останатите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата, задолжително да користат заштитна опрема и никогаш да не управуваат возило под дејство на алкохол.