
Стопирани операциите на одделите за хирургија и офталмологија. Директорот на Клиничка болница Штип, Ален Георгијев, напомена дека целиот кадар бил насочен во полза на испомош на пресоналот на Инфективното одделение. Поради таа причина одредени операции се времено паузирани, меѓутоа сè уште се вршат оние кои се ургентни. Директорот напомена дека граѓаните нема потреба да се грижат, бидејќи за животозагрозувачките случаи работат апаратите и одделите, каде ќе им биде укажана помош.
„Кај нас се прекинати само операциите на хирургија и делумно на офталмологија. Причината е јасна, поради потребата на средно – медицинскиот персонал за помош од техничкиот персонал на Инфективниот оддел, каде водиме една тешка битка, ги стопираме тие операции. Што се однесува до стопирањето на ургентните упати, таа информација не е точна, а приоритетните упати можат секогаш да се искористат. Тие се користат во седум дена, ургентниот во истиот ден. За она што е ургентно или животозагрозувачи не треба да се грижат граѓаните дека нема да бидат прегледани. Дури и без упат, нашите специјалисти во болницата се спремни да ги примат. Ниеден пациент кој има животозгрозувачка состојба нема да биде одбиен“, информираше Георгијев.
Георгијев додаде дека ваквите операции се очекува повторно да се вршат во текот на месец октомври, само во случај ако бројот на ковид – пациенти биде намален, а кадарот биде вратен на своите матични одделенија.
„Што се однесува до амбулантите, иако имаат помал обем на работа и, можеби, немаат секој ден дадено термин за тоа, постојат и амбуланти каде што 24 часа се дежурни специјалисти. Ниту еден од пациентите кој има реална потреба да биде прегледан во тој момент, нема да биде вратен. На сите ќе им биде укажана здравствена заштита“, додаде Георгијев.
Сепак, кога медицинскиот персонал ќе биде вратен зависи од процената на специјалистите и потребата на вработените во Инфективното одделение.
Ребека Спасова МНет