
Започнаа аудициите за учесници на Фестивалот „Весело штурче“ во Штип. Пријавените имаа можност да се претстават во просториите на Домот на млади, а одговорните за Фестивалот ќе имаат тешка задача од над 80 пријавени, да изберат 20 деца. Квалитетот се гледа, вели директорот на Фестивалот, Филип Стевановски, и тоа ја прави задачата уште потешка.
„По она што го слушавме за овој час и половина, навистина, ќе имаме тешка и напорна работа, бидејќи имаме многу талентирани дечиња, дечиња коишто навистина знаат да пеат, да се однесуваат на сцена и, навистина, се за овој Фестивал, бидејќи тоа е и целта на Фестивалот – да промовираме квалитетна музика, квалитетни деца и сѐ да биде како што треба. Бројката мислам дека е околу 86, со тоа што од оправдани причини некој не може да дојде денеска, некој не може да дојде утре. Имаме откажани дечиња кои не се во можност да дојдат. Ние треба да одбереме 20 – 22 песни, така што за тоа ќе имаме доста тешка работа“, вели Стевановски.
Пријавените за хорот и солисти се од целиот Источен, Североисточен Регион и од главниот град, а на конкурсот за автори свои музика, текст и аранжман имаат испратено и автори од Естонија, Германија и Австралија. Бројката на пријавени на тој конкурс е двојно зголемена, а од над 100 композиции, ќе се изберат најмногу 22 откако ќе бидат избрани дечињата кои ќе бидат солисти.

„Овој Фестивал можам да кажам дека е единствен фестивал којшто се бори за нови автори, се бори за повеќе автори да се појават на еден фестивал, бидејќи музика, текст и аранжман не прави еден човек или двајца, туку имаме конкурси на коишто се пријавуваат поединечно. Ги бираме тие песни и на тој начин ги класифицираме децата со примените композиции коишто ќе бидат. Прво ги бираме дечињата и според нив ќе ги преслушаме сите композиции и ќе одбереме која композиција за кое дете треба да биде“, додава Стевановски.
Концептот на „Весело штурче“ останува ист како и минатата година, по аудициите, ќе следат проби и подготовки за Фестивалот кој ќе се одржи во втората половина на месец септември. Тогаш присутните ќе бидат дел од второто детско доживување по 30-годишната пауза на Фестивалот, но со нови лица – солисти, нов хор, оркестар и нова сценографија, со стремеж Фестивалот на се подигне на едно повисоко ниво.
Ребека Спасова М-Нет