Кочани паметно ќе управува со уличното осветлување, Истокот уште штеди електрична енергија

Иако цената на струјата се стабилизира, Општините сѐ уште штедат по владините мерки кои се на сила до крајот на месецов. Општините кои имаат инсталирано лед сијалици имаат поголема заштета, а некои од нив штедат и со исклучување на дел од светилките од јавното осветлување. Пример за таква општина е Кочани, која работи и на проект за паметно управување со уличното осветлување, за што поддршка има од Германската асоцијација ГИЗ.

„Тоа е во делот на можноста за паметно управување со уличното осветлување. И со таквиот проект е предвидено на 69 мерни места, со кои управува Општината, да инсталираме дополнителна опрема со која преку астрономски часовник ќе биде прецизно детеминирано времето на уклучување и исклучување на светилките. Ќе бидат вградени уреди коишто ќе ја мерат потрошувачката и осцилациите на секое мерно место, ќе го мерат напонот и ќе имаме можност од далечина да ја следиме состојбата на терен“, вели градоначалникот, Љупчо Папазов.

Општина Берово, пак, намалување на сметките има за дури 40 проценти практикувајќи ја мерката за редуцирање на бројот на светилки во градот, но и со замена на околу 80% од светилките со штедливи. Карбинци, пак, има заштеда за само 10%.

„Во делот на уличното осветлување, Општина Карбинци во периодот којшто измина бележи заштедување од десетина проценти во однос на потрошената електрична енергија или тоа преточено во финансиски средства е околу стотина илјади денари, што е намалување на сметките за струја од периодот во којшто таа потрошувачка беше, навистина, драстично зголемена, а и повисоката цена на струја изискуваше поголем дел од средствата од Буџетот да заминуваат во таа насока. Тековно инвестираме со замена со штедливи светилки“, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Европскиот проект за енергетска транзиција со паметно мерење и управување со системот за јавно осветлување во Источниот Регион засега го има само во Кочани и истиот треба да обезбеди 10-15% дополнителна заштеда. Вкупната инвестиција е околу 60 илјади евра, од кои 55 илјади евра се преку Германската асоцијација, а Општината ќе вложи 10% учество.

Ребека Спасова М-Нет