
Верификувано членството на членовите на новиот состав на Локалниот младински совет при Општина Штип. Целиот процес на нивен избор поминал со голем интерес од пријавени над 15 млади од десетина организации во Штип, но законот предвидува избор на вкупен број колку третина од бројот на советници во Советот на Општина Штип. Од седумте члена, на првата седница ќе се избере претседател и потпретседател.
„На последната седница на Совет на Општина Штип беше верификувано членството на Локалниот младински совет при Општина Штип. На првиот состанок на Локалниот младински совет ќе се изберат претседател и потпретседател, како и деловникот за работа. Понатаму, со текот на времето Локалниот младински совет ќе продолжи со работа и ќе имаме, се надевам, еден успешен Совет којшто ќе се залага за политики, стратегии и програми за млади во Општина Штип“, Дарко Тошиќ, член на Локален младински совет.
Функцијата на Локалниот младински совет е да ги застапува младинските интереси и да обработува стратегии и програми за младите. Може да учествува на седници на Советот на Општина Штип, да предлага точки на дневен ред и да дава свое мислење по однос на одредени точки. Советниците не смеат да донесат одлука која се однесува на младите, ако не се слушне гласот на Локалниот младински совет и ако истиот не се согласува со истата.
„Локалниот младински совет произлегува од Законот за млади и младинско учество и младински политики, кој е изгласан во 2022 година. Тоа е првиот закон кој го регулира дејствувањето на младите во нашата држава. Тоа е едно советодавно тело при Локалната самоуправа кое ќе ги застапува младинските интереси, младинскиот стандард, младите воопшто и надминувањето на проблемите и програмите, стратегиите кои Локалниот младински совет ќе ги обработува и имплементира заедно со младите за младите“, додава Тошиќ.
Општина Штип е една од првите општини која има имплементирано функционален младински совет уште во 2009 година. Подоцна ваков совет имало и во 2014 година, а денес се возобновува по подолга пауза.
Ребека Спасова М-Нет