
Започна реконструкцијата на СРЦ „25-ти Мај“ во Радовиш како еден од капиталните проекти на Министерството за спорт, истакна министерот Борко Ристовски кој беше во посета на овој спортски храм. За целосната реконструкција на спортската сала во Радовиш се издвоени околу 20 милиони денари, пари кои ги обезбеди комплетно Министерството за спорт, а се предвидува санација на трибините и подот.
„Ми претставува огромна чест и задоволство да ја најавам првата посериозна капитална инвестиција што ќе се случува во делот на инфраструктурата. Тоа е патот кој што решивме да одиме и не може да бараме спорт, базичен спорт помалку да бараме врвен спорт ако немаме основни услови за функционирање. Можам само да кажам дека Радовиш отсекогаш бил спортски град, Радовиш отсекогаш вадел врвни спортисти и со задоволство го прифативме на градоначалникот на Радовиш за да успееме оваа култна сала да ја вратиме онаму каде што и е местото, заслужува а тоа е да биде повторно центар не само на регионални спортски случувања туку и на државни. Ова е инвестиција од 20 милиони денари ќе се врши комплетна санација на подот на трибинскиот простор на соблекувалните и мислам дека со оваа ќе се врати сјајот на старата сала најпрво меѓутоа и онаа желба за што е можно повеќе спортски настани да се одржуваат во оваа сала“, рече Ристовски.
Градоначалникот на општина Радовиш, Ацо Ристов, изрази благодарност за поддршката на Министерството за спорт за тоа што овој спортски храм ќе биде реконструиран и го добие својот сјај.
„Во Радовиш се почнува една реконструкција на спортската сала како што рече министерот култна бидејќи овде се створени многу шампиони, овде се случувале многу натпревари меѓутоа 20 години овој објект е оставен на времето нема интервенирано ништо. Со тоа почна да се губат услови за да се едуцираат млади генерации и министерот на наше првично барање само што рековме дека сакаме да инвестираме во еден објект кој што сакаме да ги вратиме условите за спортување наидовме на позитивен одговор и еве денеска сме сведоци на отпочнување на работите на реконструкција на спортската сала која што за Радовиш морам да кажам многу. Овде се случуваат сите тренинзи, сите настани и спортски и културни“, рече градоначалникот Ристов.
Ристов додава дека општината ќе направи и сопствени вложувања во самата сала за реконструкција на тоалетите и влезовите.
Рекостркуцијата се очекува да заврши за околу еден месец. СРЦ „25-ти Мај“ е отворен во 1985 година има капацитет од околу 2000 седишта во големата сала и околу 160 седишта во малата сала за боречки спортови.
Александар Ванев, М-Нет