
Четири натпревари се денеска на програмата на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Влатко Петров“. Првиот започнува во 19:30, а последниот е со почеток од 22:30 часот. Денеска е вториот натпреварувачки ден, а Меморијалниот турнир свечено се отвори вчеравечер. Дел од турнирот се вкупно 21 екипа, кои во групната фаза се поделени во четири групи.
„Благодарност до сите љубители на фудбалот којшто се присутни овде. Се надеваме дека сите екипи ќе покажат фер и коректна игра, благодарност до сите спонзори коишто несебично го поддржаа овој настан, се надеваме дека сѐ ќе помине во најдобар ред и мир“, истакна Васе Јовевски.
Ова е 23. издание на Меморијалниот турнир во чест на нашиот сограѓанин Влатко Петров, а кое започна со едноминутно молчење. Наградниот фонд е во вредност од 210.000 денари, за прво место 110.000, за второ 55.000, за трето место 30.000 и 5.000 денари за четврто место. Предвидени се и индивидуални награди за најдобар стрелец, најдобар голман, пехари и плакети. За сето ова се покрижија низа спонзори, а зад организацијата застана и Општина Штип.
„Вечно ќе остане во паметење неговото име, вечно Чардаклија и Штип ќе го паметат неговото име. Ги поздравувам сите екипи учесници коишто ќе настапат во наредните денови и недели на овој турнир, којшто 23. пат се одржува во нашата општина. Општина Штип и овојпат застана како поддржувач на овој турнир во мал фудбал. Се надевам и сум сигурен дека ова ќе прерасне во уште поголема традиција. Ги поздравувам сите општествено-одговорни компании коишто се вклучија во поддршка на овој турнир. Ние имаме морална обврска да го славиме името на нашиот бранител којшто го даде својот живот за слободата којашто денес ја живееме“, истакна Јорданов.
Јорданов потсети дека СЦ „Влатко Петров“ во населба Чардаклија, каде се играат натпреварите, беше обновен со тартан подлога, а со тоа посочи дека во следната година понудата треба дополнително да се зголеми во чест на Петров. Финалниот натпревар од Меморијалниот турнир е закажан за 2 август.
Ребека Спасова М-Нет