
И денеска продолжуваат натпреварите од Балканското првенство во одбојка на песок чиј домаќин е градот Штип. Големиот интерес за истото го покажаа полните трибини во СЦ Џексон, од каде публиката верно ги следи натпреварите на одбојкарите од Србија, Романија, Косово, Турција и Македонија.
„Многу стари и познати одбојкарски имиња гледам на терените, меѓутоа и многу млади личности и токму целта на организацијата на вакви турнири е привлекување на млади лица коишто ќе ја засакаат одбојката и коишто ќе се активираат на спортските терени и ќе се занимаваат со спортски активности. Балканското првенство е една од тие убави можности“, вели Никола Мицевски, меѓународен одбојкарски судија.
Свеченото отворање на Балканското првенство се случи вчеравечер, кога се одиграа два натпревара помеѓу репрезентациите на Турција и Србија. Пријатен престој на гостите во Штип и успешни спортски натпревари на натпреварувачите им посака првиот човек на градот, кој порача дека ова треба да стане традиција.
„Сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Одбојкарската федерација на Македонија којашто го одбра Штип да биде домаќин по четвртипат на ова Балканско првенство во одбојка на песок до 22 години. Сакам да се заблагодарам на нашиот сограѓанин Никола Мицевски којшто беше иницијатор да се случи овој настан вечерва во Штип. Кога искомунициравме првпат со задоволство одлучивме по шест години пауза вечерва и во наредните денови во Штип да се случува овој настан“, истакна Јорданов.
Балканското првенство трае до утре, недела, а финалните натпревари се очекува да бидат во 16:00 и 19:00 часот. Манифестацијата традиционално се одржува секоја година, а годинава организацијата е доделена на Македонија. На Првенството се играат 32 натпревари во машка и женска конкуренција, кои ги судат локални судии.
Ребека Спасова М-Нет