
Од денеска започнаа градежните активности во село Лакавица, штипско каде ќе се асфалтира пристапна улица која води до училиштето и продавницата. Стартот го означи градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој истакна дека се инвестира во проекти кои се од големо значење за жителите. Тампонот се постави денеска, а наредните денови доколку дозволуваат временските услови ќе се пристапи и кон асфалтирање.
„Според информациите кои ги имам десетици години наназад никој во ова село нема инвестирани практично ништо, ниту улици, ниту патишта, ниту канализација. Тоа што го ветивме е дека сите делови на Општина Штип, сите запоставени места, села, ќе бидат од наша страна евидентирани проблемите и решавани.“ – кажа Јораднов.
За жителите од ова село асфалтирањето на улицата е добро, но велат поголем проблем претставува канализацијата.
„Треба канализација да се направи, на големо село канализацијата е важна, не улицата.“
Јорданов во оваа прилика истакна дека не застануваат овде, осносно дека ќе се направи и канализацјата во ова село, но ќе продолжат и со асфалтирање на улици низ Општина Штип.
Средствата за асфалтирање на оваа пристапна улица се обезбедени од Буџетот на Општина Штип во висина од еден ипол милиони денари. Ќе се асфалтираат неколку стотии метри улица и простор кој се користи како паркинг пред продавницата во село Лакавица, за кои се потребни околу 1.500 метри квадратни асфалт.
Лаура Стојанова М-Нет