
Со кревање на макфестовското знаме, денес официјално започна 40. јубилејно издание на најпознатиот фестивал на забавни мелодии – „Макфест“ во Штип. Градот повторно блеска во музички дух, а сцената е подготвена да ја пречека енергијата на изведувачите и возбудата на публиката. Јубилејното издание носи носталгија, емоции и гордост за четири децении македонска музичка традиција. Градоначалникот Иван Јорданов го означи почетокот со порака дека „Макфест“ останува симбол на Штип и на македонската песна. Со подигнатото знаме и аплаузите на присутните, започнаа деновите кога музиката повторно ќе го води градот.
,,Оваа година одбележуваме 40 години постоење, јубилеј. Во име на тоа сакам да се заблагодарам на основачот на на овој фестивал Стојан Троицки, да се заблагодарам на сите уметнички директори, кои што низ годините наназад го одржувале макфест, додавале вредност на македонската музичка сцена. Но, и на сите композитори и музичари, кои се поврзани со макфест, кои низ годините наназад и оваа година се практично појавиле, овозможиле да се збогати македонската забавна музика“, рече Јорданов
Во првите две фестивалски вечери публиката ќе ужива во премиерите на новите музички хитови, создадени специјално за јубилејното издание. Третата вечер ќе биде посветена на незаборавните песни и победниците што го обликуваа „Макфест“ низ изминатите четири децении.
Со оглед на тоа што годинава „Макфест“ слави голем јубилеј, фестивалот е посветен на домашната музичка сцена. На истата ќе настапат исклучиво изведувачи од земјава, како почит кон македонската песна.
Со 40 години традиција зад себе, „Макфест“ и оваа година го потврдува своето место како симбол на македонската забавна музика. Штип повторно живее во ритамот на песната – со емоции, гордост и љубов кон музиката што обединува генерации.
Иван Митев, М-Нет