Законот за дивоградби на Владина седница, во Собрание ќе се разгледува по изборите

Подготвен Законот за дивоградби, ќе се разгледува на Владина седница. Министерот Бочварски потенцираше дека многу од забелешките кои се разгледуваа се прифатени, па тој очекува голема поддршка од пратениците. Сепак, смета дека не би можело да биде донесен пред изборите поради предизборната пауза на Собранието.

„Важно е да опстоиме на ставот дека треба да излегуваме и да ги решаваме проблемите на граѓаните како одговорна Влада, но и уште еден аспект, а тоа е аспектот дека сите оние барања после дополнителните консултации коишто ги правевме се прифатени. Можам да кажам дека 11 точки на барања после дополнителната дебата беа прифатени и после дискусијата на системот на ЕНЕР којашто се разви и по која имавме дополнителни барања. Од таму еден добар процент од барањата беа вградени во ова законско решение, така што во овој момент не би дискутирал за детали затоа што Влада уште го нема усвоено Законот. После усвојувањето на Влада ќе биде препратен на Собрание и, секако, очекувам широка поддршка, затоа што тоа е прашање коешто ги тангира граѓаните“, истакна Министерот.

Бочварски додаде дека дивоградбите се под контрола и инспекциски надзор на локалните самоуправи, па и санкционирањето е под нивна надлежност. Истовремено, апелираше граѓаните да не посегнуваат кон градење во овој период, бидејќи рокот за дивоградба да биде ставена во правна рамка е 1.1.2021.

Дополнително, Министерот очекува да нема пречки при усвојувањето на Законот, зашто истиот како решение го имале и во други земји.

Ребека Спасова МНет