Штипското културно лето ќе заврши наесен

Штипското културно лето својот крај за публиката ќе го приреди наесен. Последните настани, претходно повеќепати одложувани, ќе бидат одржани во текот на наредната недела. Имено, во штипскиот Театар и Домот на културата постојано се случуваат настани од областа на културата, како што се претстави, обуки и изложби. Сепак, оние што беа дел од програмата на Штипско културно лето никако да бидат реализирани. Директорот Трајков при последното одложување посочи дека секој настан го смета за дел од културното лето, без разлика дали е дел од програмата или не. Овој пат, пак, додаде дека граѓаните веќе неколку недели уживаат во богатата програма, а наредната недела ќе ги проследат и долгоочекуваните настани.

„Секој ден од наредната недела ќе имаме настани. Започнуваме денови на Блаже Конески во првите четири дена од неделата, кои ќе се случуваат овде на платото, доколку дозволат временските услови, ако не, ќе биде внатре во фоајето. Тоа ќе биде по повод 100 годишнина од неговото раѓање, а во петок ќе имаме промоција на книгата на Трајче Кацаров и 35 години творештво од неговата дејност. Така што ги покануваме сите граѓани. Оваа недела, пак, имаме четири настана, кои мислам дека ќе бидат доволни за граѓаните да уживаат“, истакна Трајков.

Овогодинешното издание беше 36. издание на Штипско културно лето. Првиот настан од програмата беше на 26 јуни, а последниот беше предвиден за 29 јули. Со првото одложување се очекуваше да заврши до 6 август, за подоцна крајот да биде најавен за во септември.

Ребека Спасова МНет