Заврши оградувањето, осветлувањето и мапирањето на локалитетот Баргала во општина Карбинци

Заокружен проектот „Оградување, осветлување и мапирање на локалитетот Баргала“, информираше денеска градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Локалитетот е еден од најрепрезентативните доцноантички и ранохристијански градови во Македонија, а со осветлувањето и оградувањето ќе стане заштитен и посигурен.

„Покрај ова се поставени и табли за мапирање, за означување на важните елементи во самиот локалитет, со тоа што локалитетот „Баргала“ ќе се најде и на туристичката мапа токму овде во општина Карбинци, со што ќе можеме да понудиме на посетителите можност да го посетат. Со тоа што и во вечерните часови ќе биде атрактивен за посета на туристите, затоа што е целосно осветлен тој потег на локалитетот „Баргала““, вели Паунов.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Паунов истакна дека ваквите проекти што се поврзани со историјата на нашата татковина се од огромно значење, бидејќи овозможуваат објектите да станат дел од историјата, а придонесуваат и за развој на туризмот.

„Сметам дека е важен овој проект, затоа што туризмот, културата, историјата, археологијата се, можеби, позапоставени во руралниот дел, но сега напредуваме, имаме една конкретна, нова слика по по овој проект“, додаде Паунов.

Вредноста на овој проект изнесува 6.500.000 денари, средствата се обезбедени преку Центарот за развој на Источниот плански регион, односно Министерството за локална самоуправа, а дел е кофинансирање од Општина Карбинци.

Ребека Спасова М-Нет