
Субстандардните улови во кои живееа седум семејства од улица Асном во Штип се заменуваат со нормални услови за 21 век. За првпат по неколку децении се решава еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат овие граѓани, односно промена на канализационата мрежа. Активностите на терен започнаа денеска, а се очекува да завршат за неколку дена, а истовремено ќе се работи и на други улици на територијата на Штип.
„Се наоѓаме на улицата Асном. Во наредните денови ќе се врши поставување на нова канализациона линија со што куќите од оваа улица за првпат ќе добијат канализација. Тие до сега живееја и функционираа во субстандардни услови. Она кое сакам да го потенцирам е дека и во наредниот период како општина ќе продолжиме преку јавното претпријатие да инвестираме во промена на нова канализациона и водоводна мрежа на територија на Општина Штип. По завршување на оваа улица ќе се префрлиме на промена на водоводната мрежа на улица Јосиф Ковачев, промена на канализација на улица Солидарност“ – кажа Јорданов.
Средствата кои се инвестираат во поставување на нови канализациони мрежи се обезбедени од Буџетот на општината и се враќаат назад кај граѓаните.
“Се работи на изведба од 150 метри канализазиона мрежа на улицата Асном, односно на потегот на броевите од 80 до 120. Инвестицијата чини околу половина милион денари. Ова преставуваше горчлив проблем кој го имаа овдешните жители, долги години“ – додаде Здравков.
Жителите задоволни што по три децении конечно се инвестира во оваа улица и се решава еден од најголемите проблеми.
По завршување на промената на канализационата мрежа на улицата Асном во Штип ќе се пристапи и кон асфалтирање.
Лаура Стојанова М-Нет