
Со активностите на терен денеска официјално започна втората и последна фаза од проектот за поврзување на населбата Железничка и Индустриската зона со фекалната канализација во Штип. Проектот се реализираше минатата година, кога се поврзаа домаќинствата од делот Горна Железничка, а што беше првата фаза од проектот.
„Знаете дека во изминатите месеци се вршеше инсталирање на фекална канализација во рамки на Горна Железничка, втората фаза започнуваме со поврзување на населвата, а веднаш потоа и за поврзување на Долна Железничка, десетина домаќинства коишто не се поврзани со фекална канализација и десетина индустриски објекти коишто исто така ќе бидат поврзани со оваа фекална канализација“, рече Јорданов.
Тендерот за колекторската цевка, која треба да го реши проблемот со канализациската мрежа во населбата, беше распишан минатата година. Со завршување на правно-техничките работи, започнуваат и активностите на терен кои ќе траат во следните неколку недели.
„Повеќе од 150 домаќинства 30 години чекале да бидат поврзани со фекална канализација и десетина стопански објекти, односно цели индустриски зони биле исто така неповрзани со фекална канализација. Очекувам наредните неколку недели да се извршуваат активностите за поврзување со главниот колектор и изведба и поставување на главните линии за оваа фекална канализација и на тој начин да се реализира проектот којшто го ветивме пред избори, а, еве, веќе влегуваме во финална фаза од реализацијата“, додаде Јорданов.
Вкупната инвестиција во овој проект е околу половина милион евра, што според градоначалникот, Иван Јорданов, веројатно е причината што жителите и сопствениците на индустриски објекти чекале дури три децении да бидат поврзани со канализациската мрежа.
Ребека Спасова М-Нет