Нова лапароскопска и едноскопска опрема во вредност од 11 милиони денари доби КБ Штип

Нова лапароскопска и ендоскопска опрема набави Министерството за здравство за штипската Клиничка болница. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска ја промовираше опремата која е во вредност од 11 милиони денари, а со која, како што рече, се зајакнуваат капацитетот и можностите на оваа јавна здравствена установа. Посочи дека за оваа болница се обезбедени уште неколку апарати во вредност од околу 3 милиони денари.

„Станува збор за апаратура што ќе ја користат специјалистите на Хируршко, Неврохируршко, Ортопедско и Уролошко одделение за минимални инвазивни процедури. Ова ќе придонесе за помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, пократок престој во болница, побрз опоравок на пациентите, како и многу подобри резултати отколку отворените хируршки интервенции. Покрај оваа опрема, би сакал да информирам дека набавивме и нов ултразвук – колордоплер апарат со две сонди за испитување на абдомен и тироида во висина од 2,5 милиони денари. Исто така, со средствата од Буџетот на Министерството обезбедивме и цистоуретроскопски сет во вредност од 433.000 денари. Со ова ги подобривме условите во Штипската болница“, рече Меџити.

Специјалистите од сите четири одделенија посочија дека ваквата опрема ќе биде од голема полза за нивната натамошна работа. Лапароскопската хирургија во Штип има традиција веќе 25 години, еден лапароскопски столб се користи околу 10 – 12 години и со него се прават околу 2.000 операции.

„Тоа е најнов модел на лапароскопски столб од позната компанија и се надеваме дека со овој апарат непречено десет години ќе работиме лапараскопски операции, постоечките, а ќе се трудиме да воведеме и нов тип на операции“, рече д-р Димче Паризов, началник на РЕ Хируршки болести.

„Новиот апарат се со подобра резолуција на слика, подобри перформанси, односно постои можност за секој абдоминален орган да дадеме посебна опција и најоптимален приказ на структурата, морфологијата. Доколку се открие некоја промена, вршиме проценка на крвоснабдувањето на истата промена“, вели д-р Бети Џидрова, началник на РЕ Радиодијагностика.

„И ние ќе го користиме за операција којашто се изведува преку природните канали и го скратува оперативниот тек и самото лежење на пациентите од 10 на 3 дена. Цистоскопот ни помага за дијагноза и терапевтски третмани“, додава д-р Димитар Кожухаров, началник на РЕ Урологија.

Министерот Меџити посочи дека тимот од Здравство е на терен секојдневно, промовирајќи нова опрема, реконструкции и вложување во медицински работници, а ќе продолжи со исто темпо и во следниот период.

Ребека Спасова М-Нет