
Финансиските друштва во рок од еден месец да спроедат соодветна едукација на вработените за примена на системот на идентификација при воспоставување деловен однос, како и да утврдат процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи соодвестуваат со лицето коешто е барател на кредитот. Ова е еден од заклучоците на координативниот состанок, кој вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, го реализираше со надлежните институции и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва. Одлучено е дека треба да се преземат брзи и зајакнати мерки за справување со злоупотребата на личните податоци на граѓаните и нивно незаконско задолжување со т.н. брзи кредити.
„Заклучивме дека е неопходно итно зајакнување на механизмите за контрола на идентитетот на барателите на брзи кредити и зголемување на транспарентноста на финансиските друштва од една страна, и брза имплементација на новите законски решенија со кои се зајакнати критериумите за работење на финансиските друштва. Во однос на он-лајн аплицирањето, потребна е идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, вклучително и со употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги“, напиша Грковска.
Освен ова, во рок од три дена финансиските друштва на своите веб-страници треба да ги објават тарифниците за трошоци за брзи кредити усогласени со новото законско решение кое ја лимитира вкупната сума за тарифирање, а по истекот на тој рок Министерството за финансии да изврши контрола. За оние финансиски друштва што нема да ги објават тарифниците, предвидени се казни согласно Закон.
Како што на состанокот информирал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од почетокот на годинава пријавени се 65 случаи на злоупотреби на лични податоци и измами со таканаречени брзи кредити, за кои поднесени се девет кривични пријави, а кривично се пријавени 15 сторители. Тоа е сериозно зголемување случаите во однос на претходната година, кога биле евидентирани 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити, за што до Основното јавно обвинителство поднесени биле 16 кривични пријави за 24 сторители.
Ребека Спасова М-Нет