За десет дена втор пат се пали старото нервно одделение во Штип, граѓаните бараат кров над глава

Во рок од десет дена два пати се пали старото нерво одделение во Општина Штип каде што моментално живеат 11 семејства со своите малолетни деца. Откако изгорела една страна од нивните куќи, утринава во пламен и чад беше и другата страна. Овдешните жители велат дека некој намерно ги пали, а институциите за нив немаат слух. Барале помош за поголема безбедност и заштита, но истата не ја добиле.

„Четири куќи се запалени. Јас сум со мали деца, ќерката и внуката ќе ми изгореа, едвај ги извадивме. Сега јас спијам во приколка со децата. Ниту со облека, ниту со јадење, помош од никаде немаме. За нас никој не води евиденција.“
„Ние го видовме, со црни алишта беше, висок, маскиран, лицето не можевме да му го видиме. Мојата ќерка доаѓа во 1/1 и пол часот од работа и таа го видела. Постојано се крие во грмушките, колку пати само има фрлано камења на кучето оти лае. Тој бегаше, а ние не успевавме да го видиме. После пријавивме во полиција, него го пријавивме. Прво напред гореше, сега и овде позади. Немаше струја, целата инсталација изгоре. Ние зедовме малку алишта за облекување, другото немавме каде да го носиме.“

Овие луѓе овде живеат 11 години. Привично им било ветено дека ќе бидат преместени штом ќе се најде простор за нив, но годините минувале, власта се менувала, а нивното место за живеење останало исто. Не бараат храна и пари, сакаат само кров над глава.

„Баравме од секаде помош, ама за нас воопшто не водат евиденција. Сме седеле по цел ден на жешкото со деца, неизбањати, а помош не ни дадоа. Само ни донесоа шампони и по една пастрмалија, друго ништо.“

„Ние сме од Стара Кланица, од поплавените. Од таму не зедоа и привремено не ставија овде. Постојано нè лажат. Велат дека за два – три месеца ќе се направат бараки, ама тоа е лага. Кога е време за гласање, пак, ние сме први цели 11 години. Толку беше градоначалник, а никој не помогна. Со храна мене не ми треба да ми се помогне, ниту со пари. Сакам кров да ми се најде.“

Првиот човек на градот под Исарот, Николов, истакна дека сместувањето на овие граѓани не е во негова надлежност, меѓутоа со изградбата на типските куќи ќе им се понуди кров над глава и на нив.

„Како Градоначалник на Општина Штип во доделувањето на место за живеење немам ингеренции. Тоа се ингеренции на Центарот за социјални грижи заедно со Министерството за транспорт и врски, преку Агенцијата за станбено и деловно домување. Јас вчера ги ислушав овие сограѓани и обезбедив храна и вода. Во моја ингеренција беше и да разговарам со началникот за полицијата. Пуштивме патролни возила коишто ќе ја зголемуваат безбедноста околу таа куќа, меѓутоа пак ќе кажам ингеренциите се на Агенцијата“, рече Николов.

Од ТППЕ Штип истакнаа дека денеска по дојава од граѓаните на местото на настанот интервенирале со две противпожарни возила и шест пожарникари.

Лаура Стојанова МНет