За 20% повеќе запишани студенти на УГД Штип во првиот уписен рок, најголем интерес за медицина

За 20% е зголемен бројот на пријавени студенти на УГД Штип во првиот уписен рок. Во моментот во тек е периодот на поднесување приговори по што ќе се знае кончниот број на запишани студенти за оваа учебна година.

„Во тек е сѐ уште првиот уписен рок, можам да кажам дека еве следува период на поднесување приговори ако имаат студентите. Од вкупните бројки до сега може да кажам дека има повеќе од илјада апликации оваа година. Во споредба со минатата година тоа е повеќе за 20% пријавени кандидати, така да универзитетот е задоволен од овие резултати. Понатаму продолжуваме со вториот и третиор уписен рок и очекувам да имаме задоволителен број на студенти“ – вели Џидров.

И оваа година најголем интерес има за медицинските науки, за студиската програма по општа медицина и дентална медицина. Се очекува во текот на наредните два уписни рока во месец септември да се пополнат и останатите студиски програми.

„Како и минатите години така и оваа година имаме повеќе интерес за медицинските науки, конкретно за студиската програма по општа медицина, но и дентална медицина веќе е исполнето сѐ во државна квота. Верувам дека во вториот и третиот уписен рок ќе имаме пополнување и на другите студиски програми.“ – кажа Џидров.

Во вториот уписен рок се очекува и запишување на странски студенти на УГД Штип. Како што вели Џидров, и овде е забележен многу поголем интерес споредбено со претходните години.

„Странските студенти имаат процес во нашето Министерство за образование, потоа ќе ги достават документите до нас и ќе ја знаеме реалната бројка. Но во однос на она колку пишуваат, колку се јавуваат, прашуваат има зголемен интерес. Така да ги очекуваме малку подоцна, некаде во вториот уписен рок.“ – додава Џидров.

Вториот уписен рок на УГД Штип е на 4 и 5 септември, додека третиот е на 17 и 18 септември.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет