
Компанијата Жито Маркети го презема работењето на малопродажната мрежа на штипската компанија Зендолино. На Жито Маркети им се отстапени седум продажни објекта во повеќе градови од државата, меѓу кои Штип, Пробиштип, Свети Николе, Кочани и Струмица. Преземањето ќе биде тековно, по утврден план и динамика ќе се преземаат два објекта неделно во следните четири недели, почнувајќи од оваа.
Жито Маркети е малопродажна компанија која своите скромни почетоци ги развива во препознатлив бренд низ цела Македонија. Започнува со својот прв маалски дуќан за трговија на мало во Велес во 1988 година за денес да има повеќе од 70 маркети во 20 града и општини во државата. Кочани, Виница, Делчево, Битола, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица, Прилеп, Тетово, Неготино се само дел од нив.
Вистинската превртница во приказната на компанијата е помеѓу 2014 и 2015 година, период на експлозивно проширување на брендот со повеќе од 20 супермаркети низ цела Македонија. Стратегиската експанзија го зацврсти присуството на пазарот на овој малопродажен ланец.
Како што велат од Жито маркети, во време на интензивна конкуренција, тие веруваат во фокусирање на потрошувачите и основните принципи: ниски цени, љубезност и квалитет. Ова е нивната бизнис стратегија, но и столбовите на кои Жито е изградено уште во 1988 година и врз кои расте и ден-денес.
Ребека Спасова М-Нет