Жителите од Плуждино на мирен протест, Јорданов вети водовод, канализација и асфалт

Граѓаните од месноста Плуждино во Штип вчера излегоа на мирен протест. Бараат водовод и канализација во 21 век. Истите беа посетени од првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов, а таму беше и претходниот директор на ЈП „Исар“, Здравко Коцев. Со заеднички разговор и координација се бараше решение за овој проблем.

„Вода обавезно, немаме ниту за пиење, ниту да насадиш нешто. Ќе си насадиш нешто барем за себе, малку. За мене најнеопходно е да има вода, иако добро е и патот да се направи. Нема ни канализација, убаво е и тоа да го има, како во Суитлак што има. Овој дел нема ништо“, вели тамошен жител.

Имено, како што истакна Јорданов со изградба на Линија 2 треба да се почне кон средината на месец март, а до крајот на оваа година треба да биде завршена. За канализација проектот не е започнат, но ќе биде рализиран.

„Временската рамка за реализација на проектор „Линија 2“ ќе биде околу година време, а за тоа време треба да се потготвиме да ја реализираме секундарната мрежа за приклучок од „Линија 2“ до куќите. Потоа, од следната пролет ќе пристапиме со асфалтирање на улици, коишто се во самата населба. Во овој момент ќе ја асфалтираме само сервисната улица до тука, до првите куќи“, рече Јорданов.

За изнаоѓање решение сугестии даде и Коцев, кој истакна дека политиката си е политика, а личностите се менуваат. Сепак, најважно е за жителите да се направи она што им е потребно и сите да добијат водовод, канализација и асфалт.

„Градоначалникот ви кажа еден дел во скратена верзија за да ви биде појасна сликата. Вие сте слушале дека многу често се случува во Железничка и Пребег да нема притисок на вода. Прво, недостасува резервоар којшто ќе се наполне, па ќе оди по природен пат. Со тие пари коишто ги спомена градоначалникот, решено е кај Пребег да се направи резервоар од којшто со вода ќе се снабдуваат населбите Пребег и Железничка, како и индустриската зона. Ќе се пушти една линија којашто ќе ги поврзе овие куќи, проекцијата е направена за 300 куќи. Има два главни крака“, рече Коцев.

Компромис беше пронајден со тоа што Јорданов рече дека водовод и канализација ќе добијат најмногу за една година во идеални услови. Асфалт, пак, ќе се стави дури потоа за да не мора повторно да се копа при работата на водоводот и канализацијата.

Проектот е во вредност од еден милион и двесте илјади евра, пари обезбедени од ТАВ програмата.

Ребека Спасова М-Нет