
Во НУ Завод и Музеј Штип од 2011 година постои етнолошка поставка во која во почетокот биле изложени само носии, а по ремоделирањето во 2017 година, поставката била збогатена со многу други елементи.

Изложени се народни носии од регионот, потоа облека од крајот на 19-от век или познатата како А Ла Турка, и од самиот почеток на 20-от век позната под името А Ла Франга кроена и шиена по европската мода и жените во минатото ја носеле.

Сите овие експонати во етнолошкиот оддел се наоѓаат како заложба на етнологот Бети Иванова, која истакна дека по ремоделирањето во 2017-та, етнолошката поставка е збогатена и со накит. Изложен е импозантен број на декоративен дел од секоја облека, за народната селска и за градската носија.

Најголем дел од предметите и облековните елементи кои се изложени во етнолошката поставка се во сопственост на штипскиот музеј, а останатите елементи се подароци од граѓани или се откупени од некој од нив, дознаваме од Иванова.

-Застапени се Пафти, тоа се метални колани кои што биле дел од селската народна носија, додека имаме голем број предмети кои што биле украсен дел, значи составен дел на облеката и на луѓето од крајот на 19 век. Исто така и почетокот на 20-от век, претставени со прстени, нараквици, ѓердани, метални колани и застапен е монистрениот накит кој што го изработувале самите жени и девојки.

–Во последниот период помалку имаме подароци или откупување, со оглед на целокупната ситуација во земјата, сепак она што е останато овде е за почитување и за вреднување што го имаме во музејот – истакна Иванова.

Облеката од различни периоди на животот на жителите во овој дел од Македонија предизвикувале големо внимание од страна на домашни и странски туристи, но, состојбата со КОВИД 19 допринесе до тоа, како и за останатите сегменти во општеството, да стагнираат и туристичките посети.

–Имавме посетители кои доаѓаа организирано преку туристички агенции, самостојни посетувања или пак слушнале дека имаме збогатување на поставката, па доаѓаат да го гледаат. Сега со оглед на целата ситуација во 2020 година е редуциран, намален, дури и нема посетители, меѓутоа се надеваме дека се` брзо ќе заврши и повторно ќе биде во функција онака како што си беше порано – вели Иванова.
Периодот без туристи, Иванова го користи за изготвување на проекти со кои НУ Завод и Музеј Штип аплицира до Министерство за култура. Проекти кои се однесуваат на нејзини истражувања во областа на занаетчиството од крајот на 19-от и средината на 20-от век, но и за ракотворбите на жените од тој период сега.

За сите досегашни проекти Иванова истакна дека наидува на позитивни реакции од министерството, а истото го очекува и во иднина.
–Значи, занаети и занаетчии кои што постоеле во Штип, кои работеле во Штип и биле поврзани со облекувањето, со модата во Штип. Друг проект е исто „Занаетчиството во Штип низ вековите“, тоа е еден малку поголем проект кој оваа година ќе биде само во истражување, за наредната година ќе видиме како ќе биде собраниот материјал, ќе видиме како ќе се одвива реализирањето на самиот проект. И уште еден проект којшто етнолошкото одделение ќе го направи, тоа е „Жената чувар на традицијата“ во којашто ќе бидат изложени ракотворби од жени, везени, плетени, за да се види она што жената го изработувала во минатото, па и сега – потенцираше етнологот Иванова.
Во меѓувреме, додека се реализираат тие проекти, Иванова истакна дека сите изложени експонати во Етнолошкото Одделение заинтересираните можат да ги видат во музејскиот водич на етнолошката поставка, издаден во 2019 година.
Истиот наскоро ќе биде објавен и во електронска форма на веб страницата на штипскиот музеј.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ