Елези донесе победа и три нови бода за Шкенија Арачиново

фото: архива

Шкендија Арачиново ја продолжува низата на позитивни резултати, и со голот на Дашмир Елези го совлада Скопје со 1-0,  во последниот натпревар од 7-то коло.

Првата шанса на мечот ја имаше Шкендија Арачиново, кога Миле Тодоров биеше од непосредна близина (од 4 метри), но на голот на Скопје со одлична одбрана се истакна Наумовски.

Гостите го имаа првиот одговор во 21-та минута, кога Попоски влезе во шеснаесетникот и го пронајде Ангелов, но неговиот удар на самата гол-линија го спречи дефанзивецот Есин Хакај. Во 39-та минута Амир Нухија ја пропушти најзрелата прилика, откако со глава од 4-5 метри биеше над пречката.

Веќе во следната минута Миле Тодоров успеа да ја затресе мрежата од тежок агол, но по реакцијата на ВАР-системот, голот беше поништен поради офсајд.

Во 42-та минута гостите се заканија и од слободен удар, но на висина на задачата беше домашниот чувар на мрежата, Антонио Столевски.

Второто полувреме донесе многу подобра игра за Шкендија Арачиново, а првиот удар го упати Мемеди од 17 метри, cепак, голманот Наумовски беше сигурен на линијата и го спаси Скопје. Во 60-ta минута, Ремзифаик Селмани имаше колосална шанса да го отвори резултатот, но Наумовски со одлична реакција (со нозе), го одбрани неговиот удар и ја испрати топката во корнер. Една минута подоцна перфектна комбинација на домаќините, Тодоров го пронајде Селмани во шеснаесетникот, но голманот на Скопје повторно излезе како победник од овој дуел.

Скопје се закани преку Цветковски, кој упати страшен волеј од 17 метри, но топката замина високо над пречката. Во 83-та минута Скопје можеше до поведе, по големата грешка на Личина, но ударот со глава на Беровиќ, заврши покрај голот на Антонио Столески. Само 2 минути подоцна, Беровиќ повторно се закани со удар со глава од 5 метри, но голманот на Шкендија не дозволи изненадување.

И казната стигна на другата страна, Дашмир Елези најдобро се снајде по асистенција на Тодоров, за да на крај го совлада одличниот Наумовски. (ФФМ)