
Шестата по ред еколошка акција на ЈП „Исар“ реализирана во населбата Балканска. Екипите на претпријатието ја уредуваа населбата, чистеа шут и смет и ги чистеа улиците. Директорот, Трајче Здравков, напомена дека во рамки на своите надлежности ќе продолжат вакви акции да спроведуваат до крајот на годинава.
„И оваа сабота ЈП „Исар“ – работно. Денес сме во нас. Балканска каде што нашите екипи од комунална хигиена вршат перење на улиците, чистење на мини – депонии, исфрлање на сметот и комплетно метење на улиците. Во најбрз можен рок одговараме на потребите и барањата на нашите сограѓани и во наредниот период, до Нов Година, во зависнот од временските услови, нашите екипи ќе продолжат да одговараат на тие повици и да вршиме детално и темелно чистење низ населбите каде што ќе има потреба“, истакна Здравков.
Освен еколошка акција во населбата се вршеше и подготовка за асфалтирање, што претходно го најави градоначалникот, Иван Јорданов. Тој најави дека во следните денови овде ќе се уредуваат и игралиштата и ќе се обноват детските реквизити сѐ додека дозволуваат временските услови. Активностите за асфалтирање на другите улици ќе продолжат напролет, како што беше најавено и во другите населби.
„Најпрво започнавме со подобрување на уличното осветлување со чистење на населбата, со уредување на детските и спортски игралишта. Она коешто сакам да го најавам во наредните денови е дека ќе се пристапи кон асфалтирање на две улици и едно спортско игралиште комплетно ќе се уреди. Улиците се во вкупна должина околу 450 метри, а финансиски изнесуваат 1.400.000 денари, додека, пак, игралиштето е со површина од 1.200 м2 во вкупен износ од 1,5 милион денари. Ова се инвестиции со коишто ја подобруваме инфраструктурата во населба Балканска. Дополнително на ова сакам да најавам и уредување на детските реквизити коишто се во лоша состојба, во следна фаза ќе биде започнато и оградување на фудбалскиот стадион и на некои други краци во населбата“, истакна Јорданов.
Еколошки викенд – акции, уредување и асфалтирање се спроведуваше и во населбите Караорман, Пребег, Баби, Три чешми и Железничка.
Ребека Спасова МНет