
На ул. „Партизанска“, покрај патот кон населбите Баби и Сењак, веќе неколку месеци се одвива изградба на нови станбени згради. Сепак, поради тоа граѓаните од т.н. розови згради во населба Сењак 4 тешко пристапуваат до сопствените станови. Зградите се изградени во 1984 година и оттогаш воопшто не се рестраврирани. Сега наместо да се поправаат, тие без малку се рушат. Со изградбата на новото се уништува она што е веќе постоечко и функционално за граѓаните, па тие револтирани велат дека со новите згради само им дошле нови проблеми.
Ужасна беше сликата која екипата на МНет Телевизија ја затекна таму. Раскопана улица, непристапни скали, ниско поставени електрични кабли, преполни контејнери и срушен ѕид. Состојбата е веќе таква последниве 7 месеци, велат тамошните граѓани, кои пред камера не сакаа да зборуваат. Но зад камерите за нашата телевизија, видно разочарани, рекоа дека институциите немаат слух за нивниот проблем. Тие се без коментар за нивната неодговорност и велат дека надлежноста само си ја префрлуваат едни на други. Одговорните, очигледно, како да ги заборавиле нив и нивните згради. Новото се гради, се поврзува електрична енергија и водоводна линија, па секој си го користи тамошниот простор за она за што му е потребно. За таа цел пред нивните згради поминувале камиони и машинерии, кои биле претешки за улицата. Претходно таму бил ставен потпорен ѕид, но истиот бил низок и нефункционален, па за кратко време паднал. Сега нов потпорен ѕид нема, а она што останало е раскопан терен и небезбедна улица. Проблемов е итен, велат граѓаните. Доколку истиот не се реши за кратко време, поголем дел од улицата ќе падне, а и нивните згради ќе бидат небезбедни за живеење.
За барањата на граѓаните одговор побаравме од директорот на ЈП „Стипион“, Трајче Коштанов, кој вети дека надлежното претпријатие ќе го реши проблемот.
„За тој дел моментално се одвива набавка, Општината го води тој дел за тој случај. Веќе е во завршна фаза, се изработува проект и ќе се гради потпорен ѕид на тој дел од патот, каде што е паднат“, рече Коштанов.
Тој рече дека за ситуацијата во таа населба разговарале и со Градоначалникот, Николов, па во најбрз можен рок ќе одговорат на барањата на тамошните граѓани.
Лаура Стојанова МНет