
Санитаријата отстранета, а и вратата ја нема. Ваква е сликата кај јавниот тоалет во населба Баби, а ситуацијата е речиси иста и на останатите локации каде беа поставени монтажните јавни тоалети. Една година по нивното поставување истите се речиси нефункционални, на што граѓаните и претходно реагираа на социјалните мрежи. За тоа дали ќе има некаква промена во однос на овој проблем кој се провлекува неколку месеца, прашавме во ЈП „Исар“. Директорот, Трајан Коцев, вели дека санација ќе има и покрај што тоа е дополнителен трошок за нив.
„Ние сме запознаени со ваквата ситуација на која граѓаните реагираа и претходно. Посочивме дека грижата и одржувањето на јавните тоалети ќе биде наша обврска, но истите треба да се чуваат и од страна на граѓаните. И покрај тоа што тоа претставува дополнителен трошок за нас како јавно претпријатие, сепак ќе ги санираме тоалетите. Во текот на денот ќе излеземе на терен, бидејќи пријава за конкретниов тоалет во населба Баби има пристигнато и до мене како директор. Од поставувањето до денес ние имаме неколку пријави. Овојпат ќе ја извршиме санацијата, а потоа во консултација со градоналчалникот ќе одлучиме што ќе се преземе со оглед на фактот дека поставеното не се чува.“ – истакна Коцев во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.
Недостатокот на јавни тоалети беше долгопосочуван проблем од страна на штипјани. Делумно решение на истиот имаше минатиот април, кога јавни тоалети се поставија на четири локации, односно во четири штипски населби, меѓутоа нивната функционалност не беше за долго. Стануваше збор за инвестиција вредна над 400.000 денари, пари обезбедени од Буџетот на Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет