
Македонија ќе има уште два нови претставника на Летните олимписки игри 2024 во Париз.
По одлуките на Интернационалниот Олимписки Комитет во врска со спортистите од Русија и Белорусија, Обединетото светско борење денес го извести Македонскиот олимписки комитет дека Владимир Егоров како највисоко рангиран борач од Олимписките квалификации во Баку, Азербејџан и како сè уште неквалификуван борач (слободен стил, категорија 57 килограми), со “А“ олимписка норма ќе може да настапи на Олимписките игри во Париз 2024.
Македонскиот олимписки комитет ја информира јавноста дека со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната џудо федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечки правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски ќе учествува на Олимписките игри во Париз во категорија до 81 килограм.
„Силно веруваме дека Еди ќе го пружи своето најдобро во Париз и дека заедно со својот тренер Горан Мицковски ќе постигнат одличен резултат на претстојните Олимписки игри“, велат од Македонскиот олимписки комитет.
На Олимписките игри во Париз ќе настапат и Дарио Ивановски во Атлетика, 22-годишната Анастасија Мојсовска од Охрид во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели и таеквондистка Миља Рељиќ.
Александар Ванев, М-Нет