Дупчење уши за Благовец – традицијата што живее и денес во Штип

Со дупчење на ушите на бебињата, првите обетки и мал плач, денеска во Штип се одбележа празникот Благовец. Штипската чаршија уште рано утринава беше раздвижена со родители кои ги носеа своите новороденчиња и дечиња кај златарите. Иако од година вгодина бројот се намалува, сепак златарите велат, традицијата се уште опстојува. Обетките се стерилизирани, заштитени и се ставаат на посебен начин, за да нема инфекции, додаваат тие.

,,Да, се уште таа традиција постои кај нас. Доаѓаат родителите со децата. Се верува дека на овој ден болката ќе биде поблага, поточно помала и ете останата е таа традиција на денешен ден да се става обетки на бебињата и дечињата. Oбетките се стирелизирани и си има начин на кој начин се ставаат.“, вели Гаврилов

Ставањето обетка и денес чини скромни пари. Во Штип како што стои во ценовникот на златарите, за две обетки се плаќа по 300 денари.

Инаку, адетот е стар со векови. Повозрасните штипјани категорични дека традицијата за празникот треба и понатаму да продолжи. Овој празник е посветен на благоста, убавината, па затоа женските деца и бебиња, со обетките добиваат посебна убавина.

Иван Митев, М-Нет