Донација од десет медицински кревети доби штипската Клиничка болница од француска асоцијација

Штипската Клиничка болница доби десет нови медицински кревети кои се донација од француска асоцијација. Медицинскиот персонал денеска ги прими креветите, кои беа доставени и наскоро ќе бидат поставени за користење од страна на пациентите од регионов кои се лекуваат во Клиничката болница во Штип. Станува збор за донација од поголем размер, од која дел е наменет за Штип, а останатиот за Скопје.

„Ова е проект кој се води под покровителство на Министерството за здравство, добиени се поголем број на електрични медицински кревети, коишто ќе бидат распоредени во здравствените установи во Скопје, а ние успеавме еден дел од таа донација да донесеме во Клиничка болница – Штип. Оваа донација заедно со веќенајавените душеци, коишто во наредните ден – два ќе стигнат во Клиничка болница Штип, ќе ги обновиме речиси сите душеци и на малку повисоко ниво ќе ги подигнеме здравствените услови на пациентите“, вели директорот, д-р Ален Георгијев.

Ова е четврти пат оваа асоцијација да донира медицинска опрема за македонските пациенти, а прва за штипската Клиничка болница. Денеска присутен беше и претседателот на Асоцијацијата, кој напомена дека волја имаат, но дали понатаму ќе следат уште донации зависи од ресурсите и финансиите.

„Ние донесовме десет електрични медицински кревети за Болницата, што е дел од поголема донација за Министерството за здравство. Повеќето работи се во Скопје за болниците таму, а овде во Штип донесовме десет кревета“, вели Жак Шлеф, претседател на Асоцијацијата „АЛМА“.

Асоцијацијата во Македонија е присутна петнаесетина години, а досега има помагано и во образованието со донација на образовни установи, а организирани се и културни настани. Ова е нивна прва донација во Штип.

Ребека Спасова М-Нет