Догодина ќе се постави монтажна катна гаража и ќе се покрие целосно пазарот во Штип

Паркинг просторот кај пазарот во Штип, кој се наплаќа само во петок – проблем за граѓаните. Автомобили премногу, паркинг места премалку. Од овде се појавува и основниот проблем со гужвата, а дополнително за ова придонесува и по некоја тезга на паркингот, доволно за едвај да може да се помине. Граѓаните велат – добро ќе биде да се инвестира во овој дел од градот, поточно да се направи поголем паркинг на просторот кај градскиот пазар од една страна, но од друга страна пак песимисти се, бидејќи не знаат колку Општината е подготвена финансиски да делува за решавање на проблемот.

Продавачите на текстил реагираат за отворениот пазар, односно дека истиот треба да се покрие, исто како и делот од пазарот каде се продаваат овошје и зеленчук на отворено. На различни временски услови продавачите сами се снаоѓаат да се заштитат од сонце или дожд.

Дали и како ќе се реши проблемот со паркинг на градскиот пазар во Штип, но и дали е предвидено затворање на истиот, го прашаваме првиот човек на градот, градоначалникот Иван Јорданов. Тој истакна дека е предвидено поставување на монтажна катна гаража и покривање на пазарот, но проектот ќе започне со реализација од наредната година.

„Ова е едно од очекувањата кои од нас ги имаат граѓаните, да го уредиме просторот кај градскиот пазар. Ние предвидуваме затворање на оној оставен дел кој сѐ уште е под отворено небо и се изложени на надворешни влијанија луѓето кои таму работат. Дополнително на тоа имаме обврска да го уредиме и просторот за паркирање, односно постоечкиот паркинг и да ја зголемиме површината со изградба на една монтажна катна гаража со што на две нивоа ќе добиеме површини за паркирање и дуплирање на паркинг местата. Сепак, според првичните проценки, сето ова очекувам да се случи во текот на следната календарска година, затоа што не е опфатен овој проект во буџетот за 2022 година. Веќе работиме на проектирање на овој проект“, истакна Јорданов.

Јорданов е оптимист дека градскиот пазар ќе се направи според очекувањата на граѓаните, ќе се постават јавни тоалети и ќе се зголеми површината на паркинг местата. Во моментов кај градскиот пазар во Штип на располаѓање на граѓаните им се 60 паркинг места.

Ребека Спасова М-Нет