
Пресуда на Основниот суд во Штип – причина за револт кај семејствата на четворица осудени. 12 години казна затвор е пресудата која треба да ги казни четворицата од пробиштипско за сторено кривично дело „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“. Меѓутоа, одбраната е незадоволна од ваквата пресуда, бидејќи смета дека сите докази укажуваат на тоа дека тие не се виновни.
Од пресудата непријатно е изненадена и адвокатата Виолета Петкова, која вели дека и покрај тоа што одбраната смета дека нема докази, Судот ја донел пресудата. Сознанијата на одбраната се дека делото е конструкција на очувот, а детето дури трипати ја менувало својата изјава.
„Бев бранител на четири лица обвинети за полов напад на дете што не наполнило 14 години, истите се денес осудени т.е. донесена е првостепена пресуда со која се осудуваат и изречени им се казни 12 година затвор. Одбраната цело време сметаше дека нема докази, дека детето ја менуваше изјавата, имаме три различни изјави. Меѓутоа, судот оцени дека има вина, а ние понатаму ќе го користиме правото на жалба, бидејќи имаме сознанија дека сето тоа е конструкција на очувот на детето, а детето не е веќе кај мајкатата, туку е сместено во дом“, вели адвокатата Петкова.
Во врска со донесената одлука се огласија и од Основниот суд во Штип од каде посочија дека одлуката писмено ќе се образложи, со што ќе биде дадено право на жалба.
„По завршување на главната расправа по предметот К.бр.200/22, Основниот суд во Штип во Совет донесе Пресуда, со која обвинетите ги огласи за виновни секого за по едно сторено кривично дело „Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од чл.188 ст.1 од КЗ. Истите согласно чл.188 ст.1 од КЗ и чл.4, 32, 35, 39 од КЗ и чл. 102, 105 и 404 од ЗКП судот ги осуди на казна затвор во траење од по 12 (дванаесет) години секој. Судот ваквата одлука писмено ќе ја образложи, со што ќе биде дадено право на жалба. На обвинетите им е продолжена мерката притвор.“ – се вели во соопштението од судот.
Адвокатката Петкова додава станува збор за семејства коишто се во лоша материјална состојба, па немаат средства за да финансираат дополнителни вештачења на понудените докази. Според семејствата на осудените, некои од нив во притвор се веќе осум, па и девет месеца.
Ребека Спасова М-Нет