Догодина Штип ќе добие подземни контејнери, потребата од нив е огромна велат граѓаните

Подземни контејнери во централното градско подрачје во Штип беше едно од предизборните ветувања на актуелниот градоначалник Иван Јорданов. Дали се потребни подземни контејнери и дали ќе се реши проблемот со ѓубрето во градот ако се постават ги прашавме штипјани на терен. Анектираните велат треба да се работи на оваа проблематика, бидејќи не се задоволни од хигиената во градот.

Градоначалникот Јорданов истакна дека предизборните ветувања дадени пред штипјани ќе бидат реализирани. Подземни контејнери е проект кој ќе се реализира во втората година од неговиот мандат.

“Тоа коешто го ветивме дека ќе има подземни контејнери на територија на oпштина Штип, нормално дека ќе се реализира. Во текот на следната буџетска година се планира да се издвојат средства за во централното градско подрачје да имаме подземни контејнери и ова ќе се презентира пред граѓаните.“ – кажа Јорданов.

Според Јорданов, подземните контејнери треба да најдат примена и да се користат соодветно од граѓаните со цел почист и помодерен изглед на градот.

Лаура Стојанова М-Нет