
Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ ќе понуди технички, просторни и кадровски можности за доедукација и претставување проекти, а Центарот за култура во Штип ќе биде домаќин на театарски претстави, работилници, едукативни активности и курсеви. Ова е целта на склучениот Договор за соработка кој овие две страни го потпишаа денеска. Договорот предвидува и копродукциски проекти од областа на аудиовизуелните уметности, како и заедничко конкурирање со проекти пред европските фондови.
„Двете институции ги ставаат на располагање сите свои ресурси, кадровски, технички, просторни. Тоа ќе значи дека проекти што ќе бидат подготвени во Центарот за култура во Штип, ќе може да ги користат просторните услови на Универзитетот во Скопје, да покажат некои од своите успеси пред пошироката јавност. Но тоа исто така ќе значи дека ќе можат тие коишто ќе се определат за каква била дејност таму да дојдат и да се дообучат“, вели деканот Ристовски.
Двете страни го потврдија ваквото повеќестрано значење на договорот. Идејата која ги довела до ваквата реализација е практичното да се спои со теоретското, а најголема полза од тоа да имаат студентите.
„Се радувам на оваа соработка, затоа што ја очекуваме и ја припремаме веќе неколку години. Потенцијалите се очигледни, јас се надевам дека многу скоро ќе почнеме со реализација на конкретни проекти, ќе го афимираме нашиот Универзитет, а ќе се испромовира и Центарот за култура“, вели Весна Огненовска, генерална менаџерка на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“.
„Мислам дека само ќе создадеме подобри културни настани, позбогатена културна понуда во нашиот град, а секако и кај вас, во Универзитетот, кога ќе се претставуваме со врвни и квалитетни производи со коишто ќе може да се гордееме сите заеднички“, вели Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
Потпишувањето на Договорот се случи во просториите на штипскиот Центар за култура, а потоа се одржа работилница на тема „Театарската критика и медиумите денес“ со учество на професори од Универзитетот.
Ребека Спасова М-Нет