
Пробиштипскиот Дом за стари лица ќе продолжи да се гради следната година, а во летниот период се очекува и да биде завршен. Ова го кажа градоначалникот Анастасов кој посочи дека со Министерството за труд и социјална политика е потпишан Договор за продолжување на изградбата. Проектот во рамки на Здравствениот дом „Нада Михајлова“ почна уште пред нешто повеќе од две години, а за да се дојде до зеленото светло за доградба мораше да се направи комплетно нова документација.
„Еден од приоритетите беше токму Домот за стари лица во општина Пробиштип. Во 2019 година ние потпишавме договор и добивме буџет, целосна донација во вредност од 55 милиони денари. Со самите градежни работи, имаме проекти коишто многу брзо доаѓаат до нивната реализација, но имаме и такви коишто некогаш знаат да закочат и да имаа престанок на работа. Се правеше нова проектна документација, измена во тек на градба. Тоа целосно нѐ закочи околу 18 месеци. Она коешто пред неколку дена го потпишавме со министерката за труд и социјална политика значи продолжување на изградбата на Домот за стари лица во Пробиштип“, рече Анастасов.
Пробиштип и Кратово неодамна се приклучија и на услугата помош и нега во домот за немоќни и изнемоштени лица над 65 години. Обучени и сертифицирани негуватели изминативе месеци им ја овозможуваат оваа услуга на повеќе од 40 корисници. Анастасов посочи дека за важноста на еден ваков капитален проект сме свесни сите и затоа е потребна негова итна градба.
„Со оглед на тоа дека се работи за нова проектна документација, сите забелешки се отстранети, јас не гледам никаква причина за во 2024 Пробиштип да не го добие тој Дом за стари лица. Ние оваа година за првпат влеговме во меѓуопштинска соработка со Општина Кратово, со Црвениот крст, каде што за 44 корисници на ваквата мерка се ангажирани 14 негуватели коишто неколку месеци наназад пружат помош на старите лица“, додава Анастасов.
Домот за стари лица во Пробиштип е со капацитет од 54 лица и станува збор за простор од околу 2000 квадрати. Проектот е целосно финансиран од Министерство за труд и социјална политика и е со вредност од 55 милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет