Дијабетичарите го добија инсулинот кој недостасуваше, фалат уште ленти за гликемија за тип два

Од понеделникот дијабетичарите го добија инсулинот кој недостасуваше и се нудеше замена. Набавени се и ленти за мерење гликемија за тип еден, недостасуваат само за тип два, ама од Министерството за здравство велат дека се работи на надминување на проблемот.

„Тендерот за набавка на инсулинска терапија е во финална фаза и проблемот со лентите набргу ќе биде надминат. Во меѓувреме активно се работи на надминување на овој вид процедурални проблеми. “ – велат од МЗ.

Што побргу да се намдине овој проблем апелираат и од Сојузот на дијабетичари. Велат дека сами се снаоѓаат да набават ленти за мерење гликемија, но се надеваат на позитивна соработка со новиот Министер за здравство, бидејќи само што дошол на оваа функција се набаваил и инсулинот кој недостасуваше.

„Вообичаено е на 60 дена да се добиваат по пет кутии, сега добиваат две кутии на два месеци. Тоа значи дека добиваат минимално, да не кажеме дека еднаш дневно треба да се боцкаат, а замислете дека лице со тип еден треба најмалку три до четири пати да мери гликемија. Министерството каснеше многу, касни и сега со одговорот во однос на лентите, тој тендер не е распишан “ – вели Велев.

Дијабетичарите пред неколку дена реагираа на проблемот со инсулинот бидејќи наместо еден се нудеше друг тип. Според нив ваквиот проблем е надминат по повеќе од три месеца.

Лаура Стојанова М-Нет