
За учениците со посебни потреби учебната година не започна како и за сите останати. Главна причина за ова е бидејќи се оставени без асистенти кои ги имале во изминатите неколку години. Зоран Мијалков од Штип е родител на дете со посебни потреби и вели неговото, но и останатите деца со посебни потреби денеска не се на училиште.
„Главна причина е тоа што овие околу 800 деца, едно од тие е и моето имаа асистенти последните три четири години. Оваа година асистентка нема, што значи нашите деца две до три недели ќе останат без образование. За децата со посебни потреби асистентите се важни оти имаат потреба од помош.“ – вели Мијалков.
Министерката за образование и наука на денешната прес конференција истакна дека се ќе биде во ред и со настава редовно ќе започнат и децата со посебни потреби. Револтиран од настаната состојба, Мијалков реагира и до МОН. Вели ако не добијат асистенти ќе следуваат протести.
Јаневска денеска истакна дека над 800 образовани асистенти денеска ги потпишале договорите за работа, а уште 200 тоа ќе го сторат во наредниот период.
„815 образовани асистенти денес ги потпишуваат договорите и денес можат да почнат со работа. За оние 200 за кои немаше обезбедено средства ние ги проектиравме дека ќе бидат потребни и ги обезбедувме со ребаланс на Буџетот. Денес се објавуваат конкурсите. Конкурсот ќе трае пет дена, потоа следат уште две недели обука и тие после тој период можат да влезат во училиштата. Но, јас деновиве постојано повторувам родителите да не се вознемируваат, училиштата се обврзани да имаат инклузивни тимови“ – вели Јаневска.
Децата со посебни потреби имаат своја рутина, посочува Мијалков и додава дека на тој начин тие функционираат. Доколку немаа образовен асистент на дел од нив им е отежнато одењето на училиште, а друг дел воопшто не можат да следат настава.
Лаура Стојанова М-Нет