Детското одморалиште на Голак се уште стои руинирано, општината бара инвеститори за обновување на објектот

Поранешното детско одморалиште на планината Голак се уште сведочи за едно убаво време кое сега е минато. Објектот е пред распаѓање, искршени се прозорците, вратите, плочките, ѕидовите се далеко од функционални. Од објектот кој некогаш беше со капацитет за 240 гости изграден во далечната 1980 година, денеска стојат само разрушените ѕидови. Дали има надеж за реконструкција на старото детско одморалиште прашавме во Општина Делчево. Од таму во писмено соопштение истакнаа дека општината прави разни проекти за продажба на овој објект, но се уште нема конкретен договор за инвестиции.

„Објектот на поранешното детско одморалиште на Голак е дадено на користење на Општина Делчево во 2016 година. Во периодот пред 2016 г. имаше многу неуспешни обиди за продажба од страна на неговиот сопственик МТСП и, за жал, откако целосно беше уништен објектот во периодот од 2006 до 2016, државата го даде корисничкото право на Општината во 2016 година. Општината направи неколку обиди за негово ставање во функција преку разни проекти, исто така, има и голем број заинтересирани потенцијални инвеститори од земјава и странство кои пројавуваат интерес за објектот, но до денес нема конкретен договор или најава за инвестиции.“ – велат од општината.

Од општината посочуваат дека тие ги немаат средствата кои се потребни за овој објект да се реконструира. Единствен излез велат е да се најде онвеститор за објектот да се стави во функција.

„За ревитализација на објектот се потребни големи средства кои Општината ги нема и не е во состојба сама да ги инвестира. Исто така, Општината нема надлежност да располага со објекти кои вршат комерцијални дејности. Единственото решение е да се најде инвеститор за објектот или преку јавно приватно партнерство да се стави во функција- на оваа тема Општината континуирано работи.“ – додаваат од општината.

Детското одморалиште на планината Голак е оставено повеќе од три децении руинирано и работ на времето. Се бараат инвеститори од државата и странство кои би инвестирале во овој објект и би се развил и туризмот во Делчево.

Лаура Стојанова М-Нет