
Викендот се играат натпреварите од 13. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, а дербито на колото го играат Башкими и Фортуна в недела.
Гледачите на М Нет телевизија ќе имаат ексклузивна можност во директен пренос на нашата телевизија да го следат во живо дербито на колото.
Првопласираната и третопласираната екипа во дуел за трите бодови кои значат многу на патот кон баражот за Втора лига. Башкими е лидер на табелата со 31 бод, а пак Фортуна е трета со 5 бода помалку. Помеѓу нив е БВК Коњаре, екипа која е втора со 28 бода. Башкими со евентуален триумф ќе направи сериозен исчекор на патот кон баражот за ПМФЛ, во спротивно, доколку Фортуна дојде до свој триумф, тогаш ќе биде значително „густо“ на табелата.
Фортуна пред две сезони играше бараж за влез во Втора лига – Запад, но во бараж дуелите загуби од Воска Спорт од Охрид и Беса од Добри Дол, екипи кои се натпреваруваат во Втора лига.
Башкими е некогашен прволигаш, а најголем успех на клубот е освојувањето на Купот на Македонија во сезоната 2004/2005. Башкими за сезонава најавува кам-бек најпрво во Втора лига, а потоа и враќање на патеките на старата слава.
Дербито в недела добива на тежина, со оглед на фактот што навивачите на Башкими веќе се подготвуваат за големото дерби и најавуваат пеколна атмосфера.
Главен судија на мечот ќе биде Александар Василевски од Скопје, а негови помошници ќе бидат Бранко Путилин и Филип Ицковски од Скопје. Мечот ќе стартува во 14:00 часот.
Што се однесува до 13-тата рунда, истата ќе биде отворено в сабота со воведниот меч меѓу Студена Вода и ССК Нова.
Колото ќе биде комплетирано в недела со останатите седум натпревари, меѓу кои и дербито на колото меѓу Башкими и Фортуна.
Маџари Солидарност на домашен терен ќе игра против Башкими Љуботен, Аеродром ќе биде домаќин на Волково, Илинден ќе ја пречека Риниа, ланскиот второлигаш Кадино ќе се соочи со некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ, Раштак ќе има тежок меч против второпласираниот БВК Коњаре, а пак Петровец ќе има свое соочување со Беса Влазрими.
- Делегирани судии 13. коло ТМФЛ – Север:
САБОТА:
Студена Вода – ССК Нова, Слободан Боцевски (Скопје) 14:00 часот
НЕДЕЛА:
Башкими – Фортуна, Александар Василевски (Скопје) 14:00 часот
Маџари Солидарност – Башкими Љуботен, Методија Ставрев (Скопје) 10:00 часот
Аеродром – Волково, Иван Ивановиќ (Скопје) 14:00 часот
Илинден – Риниа, Дејан Младеновски (Скопје) 14:00 часот
Кадино – Еуромилк, Никола Петковски (Куманово) 10:00 часот
Раштак – БВК Коњаре, Ивана Пројковска (Скопје) 10:00 часот
Петровец – Беса Влазрими, Никола Костенчев (Скопје) 14:00 часот
Телевизија М Нет покрај ТВ правата за пренос на Втората македонска фудбалска лига, како и Купот на Македонија до полуфинале, веќе започна и со пренос на натпреварите од Третата македонска фудбалска лига, со што М Нет е единствениот медиум во Македонија кој покрива голем дел од мак-фудбалот со телевизиски преноси.