
Утре ќе се одиграат натперварите од 17. коло на Првата македонска фудбалска лига, а ова рунда која е претпоследна од есенската полусезона го носи дербито за врвот од табелата меѓу Гостивар и Силекс.
Ова е дерби на двете од три водечки екипи на табелата кои имаат ист број на бодови односно по 33 бодови. Двете екипи се во страшна форма со по едно реми и четири победи на последните пет натпревари, а статистички се идентични, двете екипи имаат по 26 постигнати погодоци, Силекс има примено осум, а Гостивар девет погодоци.
Вардар и Тиквеш ќе имаат свое соочување во кое ќе бараат излез од резултатската криза, а со тоа и бегство од опасната зона. Вардар сезонава двапати беше подобар од Тиквеш во првенството и во Купот, а Тиквеш ќе биде на сериозен испит за изненадување. Трите бодови им се важни и на двете екипи кои сезонава водат борба за опстанок.
Брера Струмица на домашен терен ќе го пречка Работнички, каде „романтичарите“ немаат право на грешка ако сакаат титула, а пак струмичани сакаат есенската полусезона на домашен терен да ја затворат со триумф.
Пелистер и Беса кои минатата сезона водеа битка во Втората лига, сега ќе се соочат во Битола каде меѓусебно ќе бараат враќање на победничките патеки. Битолчани нанижаа три порази во низа, а пак Беса на последните пет натпревари има четири порази и реми, па дебитантот во Битола ќе бара позитивен резултат.
Шкупи е во многу лоша форма на последните пет натпревари немаат триумф, ваква форма не се памети за Шкупи, а против шампионот Струга на Чаир ќе бара конечно победа и радост за навивачите. Ваквата ситуацијата стружани ќе сакаат максимално да ја искористат за да триумфираат.
Воска Спорт на „Билјанини Извори“ ќе ја пречека Шкендија која ќе биде фаворит за продолжува на победничката серија. Охриѓани можеби и со бод ќе бидат задоволни во сезона каде водат борба за опстанок.
Натпреварите ќе стартуваат во 13 часот.
Александар Ванев, М-Нет