Дерби во Кратово: Силекс против Тиквеш ќе бара излез од резултатската криза, Вардар на мегдан со Шкендија Арачиново

ФОТО: ФК Брегалница

Со два натпревари, утре ќе биде отворено 8. коло на Првата македонска фудбалска лига. Во Кратово ќе се игра дерби во кое Силекс против Тиквеш ќе бара излез од резултатската криза, а пак гостинот од Кавадарци ќе сака продолжување на одличните резултати.

Повеќе од еден месец Силекс нема победа, последен пат славеше над Скопје на 15 август, додека пак Тиквеш на последните пет средби има еден пораз, една победа и три реми средби, со што доколку го освои Кратово ќе продолжи да се искачува на табелата.

Во Гостивар ќе се одигра натпреварот меѓу лидерот Шкендија и претпоследнопласираниот Башкими, каде домаќинот е фаворит, а гостинот после освојувањето на храбриот бод против шампионот Вардар ќе сака да изненади за освојување на бодови против уште еден фаворит.

Во сабота ќе се одигра еден натпревар. Во меч под рефлектори од 20 часот на теренот на ФФМ во Скопје, шампионот Вардар ќе го пречека дебитантот Шкендија Арачиново. Дуел каде Вардар ќе се обиде да ја запре победничката низа на дебитантот и да се врати на победите после ремито со Башкими во Куманово.

Тимот од Арачиново по трите победи во низа е силно мотивиран за соочувањето со шампионот, барајќи нови три бодови со кои би можел сериозно да го напаѓа првото место.

Во понеделник ќе се игра натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Арсими, дуел на каде стружани со триумф би можеле да избијат на челната позиција ако Шкендија направи „кикс“, а пак Арсими сака враќање на победите после двете ремија и поразот.

Дури во среда ќе се затвори осмото коло со дуелот на Брегалница и Скопје под рефлектори во Штип. Соочување на двата лански второлигаши во борба за враќање на победите. Двете екипи имаат резултатска криза. Сините од последните пет меча имаат форма од пораз, победа, два порази во низа и реми, а пак Скопје е единствениот тим кој се’ уште нема триумф, односно има три ремија и четири порази и се надева дека во Штип ќе го скрши мразот за прво сезонско славје. Натпреварот ќе стартува во 18 часот.

Александар Ванев, М-Нет