Делчевски Патриот загуби од МЗТ, Баскет Кам до убедлива победа над Пробаскет, шампионот Крива Паланка го загуби дербито

ФОТО: КФМ

Кошаркарките на Патриот од Делчево го загубија мечот со МЗТ во гости, откако беа поразени со резултат од 78:45 во рамките на 2. коло на Првата женска кошаркарска лига.

Тимот од Делчево имаше две катастрофални четврти и тука беше направена потребната разлика за домашниот тим да стигне до првата сезонска победа, а пак Патриот да го запише вториот сезонски пораз.

Скопскиот тим со 20:7 ја доби првата четвртина, а во втората тимот од Делчево пружи отпор но ја загуби четвртината со 16:14. Во третата четвртина МЗТ беше убедлив со 25:9, а последната четвртина беше 17:15.

Поранешниот шампион од Македонска Каменица, Баскет Кам славеше висок триумф над Пробаскет на домашен терен со 75:66. Разликата за триумф беше направена во првата и третата четвртина со 26:17 и 21:13, а пак во втората четвртина гостинскиот тим беше подобар со 14:21, а во четвртата четвртина со 14:15.

Актуелниот шампион Крива Паланка го загуби дербито со Бадел на домашен терен со резултат од 80:88. Баделки одлично го отворија мечот откако првата четвртина ја добија со 16:28, потоа се обиде да се консолидира шампионот и следните две четврти ги доби со 22:21 и 21:17, а последната му припадна на Бадел со 21:22.

За шампионот ова е втор пораз во низа откако претходно загуби и од Вардар.

Вардар пред домашната публика забележа убедлива победа од 96:62 над новалијата Гевгелија, добивајчи ги првите три четврти, а во последната подобар беше гостинот.

По две кола по максимални четири бода имаат Вардар, Бадел и Баскет Кам, по три бода имаат МЗТ и Гевгелија, а без победи со по два бода се екипите на Крива Паланка, Пробаскет и Патриот кој е на дното.

Александар Ванев, М-Нет