
Дел од вкупно 90 броја на Списанието за уметност „СУМ“ денеска беа претставени во штипската Библиотека. Ова е еден од настаните кои периодов се организираат за одбележување на 30 години од постоењето на Списанието кое дава придонес во развојот на уметноста и афирмација на истакнати личности од креативните области на човековото живеење.
„Публиката, сите оние коишто слушнале за „СУМ“ сега ќе можат да видат „СУМ“ на кој сѐ е посветен, бидејќи „СУМ“ сам по себе претставува проект во којшто се прави омаж на еден од истакнатите личности од областа на уметноста, сликарството, театарот, музиката, киното, литературата итн. На оваа изложба ние ги презентираме дел од броевите, оние коишто се позначајни и даваат придонес во хабитусот на самото списание“, вели Трајче Кацаров.
По повод 30 години од „СУМ“ во Скопје беа доделени и признанија на оние кои придонеле во континуираното излегување на Списанието. Писатели и други истакнати личности имаат само позитивни зборови за Списанието кое излегло и надвор од границите на Македонија.
„Поминаа 30 години. Во сите тие 30 години, како што вели академик Гане Тодоровски, „СУМ“ војникуваше во духовниот простор на Македонија. Кога велам во духовниот простор на Македонија, сакам да истакнам дека родното место на „СУМ“, неговото битисување беше во Македонија, а и надвор од неа, бидејќи во некои од националните библиотеки во соседните држави веќе го има „СУМ“, може да се најде како списание за уметност, како списание кое само по себе дава преглед на, можеби, елитните настани во уметноста воопшто, пред сѐ во сите гранки на уметноста“, посочува Кацаров.
Сепак Кацаров вели дека „СУМ“ многу тешко може да опстои двојно, односно тој не му предвидува позитивна иднина. Посочува дека сѐ помалку финансии се одвојуваат за оваа намена и затоа е многу тешко тие да опстојат како активни во македонска периодика.
„Многу тешко. Досега „СУМ“ излегуваше четири броја годишно и јас мислам дека тоа за едно периодично списание е доста добро, бидејќи периодичното списание само по себе има за цел да информира, има цел и да афирмира, да популаризира. Но од година во година средствата се сѐ помалку за периодичните списанија и сметам дека тоа е еден од големите недостатоци и во културната политика, а и во она што значи информирање на читателската публика, бидејќи „СУМ“ со себе носи елементи или прилози коишто надвор од една таква ситуација, од една таква форма, од еден таков модел тешко може да дојдат“, додава Кацаров.
Излегувањето на Списанието уште од првиот број е поддржано од Министерството за култура, а го издава Центарот за културна иницијатива.
Ребека Спасова М-Нет