
Минатиот викенд се одиграат баражите за влез од Трета во Втората македонска фудбалска лига, а во истите настапија петте шампион во Трета лига и второлигашот што заврши на 14. место.
Меѓутоа, по комплетирањето на сезоната во Првата и Втората лига, се отвара и прашањето дали треба шампионите во Трета лига да играат баражи за влез во Втора лига или треба да имаат директен влез во Втората лига со оглед на тоа што станале шампиони.
Ова значи дека доколку третолигашот стане шампион во својот регион нема директен влез, туку ќе треба да игра бараж за влез во Втората лига. Двојките за баражите се утврдуваат со ждреп, а натпреварите се играат на неутрален терен. На трите бараж натпревари победниците се нови второлигаши, а поразени екипи играат во Трета лига и следната сезона.
Колку за пример Влазерими како шампион на Трета лига – Запад две сезони по ред игра бараж, меѓутоа и двата баражи ги загуби и останува во Трета лига – Запад, а оваа сезона ниту шампионот во Трета лига – Север екипата на Куманово не обезбеди место во Втора лига, а место во второлигашкото друштво не обезбеди ниту шампионот во Трета лига – Југозапад, екипата на Кораб од Дебар.
На социјалните мрежи меѓутоа и во фудбалските кругови се зборува околу тоа дека треба да се промени овој концепт со што ќе им се овозможи на третолигашите кои се шампиони да имаат директно учество во Втора лига, без да играат баражи, бидејќи во тој случај може да бидете шампион и следната година наместо промоција клубот одново да игра во ист ранг на натпреварување.
Александар Ванев, М-Нет