
Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек за да го обнови единството на Бога со човекот, вели поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Арихепископија, г. г. Стефан во Божиќното послание. Тој посочува оти треба да се се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан!
„Возљубени во Господа,
Гледајќи го чудесното и надумно раѓање на Богомладенецот, во Витлеем Јудејски, ангелите ја запеаја небесната химна на животот. Опколувајќи ги јаслите како херувимски престол, небесните сили посведочија пред целото создание дека неискажливиот и неспознатлив Бог дојде и се всели помеѓу нас. Ова е небесна глетка од која запира здивот, зашто таа ја надминува логиката на овој свет. Зарем може човекот вистински да го разбере Божјото воплотување, па колку и да се труди? Зашто Христос не дојде како гостин, само за да нè посети и незабележително да замине. Дојде за да остане со нас во сите дни до свршетокот на светот. Та, тоа значи и Неговото име Емануил – со нас е Бог.“ – стои во Божиќното послание.
Христос не дојде за да го подели човештвото, ами за да биде со нас и да остане со нас, да нè соедини со Себе и да нè обедини во Себе. Само така ние ќе го исполниме Христовиот повик, а обединувањето е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното, пишува во Божиќното послание.
„Иако поминаа повеќе од две илјадалетија од овој Божествен настан, нештата во светот не се променети. Така е зашто човечките добродетели, но и човечките слабости, остануваат исти во секоја епоха, а слободата е неотповиклив дар Божји за човекот. И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера.“ – пишува Црквата.
Да си простиме и меѓусебно да се измириме, та сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниот Божиќ е пораката која посочува дека преку Христовиот мир, ќе дојде до слава на Бога во висините, а меѓу луѓето добра волја.
Ребека Спасова М-Нет