Да не се палат нивите во текот на подготовката за новата сезона – апелираат штипските пожарникари и оваа есен

Да не се палат нивите во текот на подготовката за новата сезона, апелираат пожарникарите од ТППЕ Штип до земјоделците во регионот. Командирот Благој Ренџов апелира наместо да ги палат, земјоделците нивите да ги изораат, бидејќи огнот лесно може да се прошири и да предизвика поголем пожар. Тој кажа дека и минатата година токму во овој период биле регистрирани запалени ниви. Засега состојбата во Штип и Карбинци Ренџов вели е мирна, но со почетокот на орањето и подготвката на нивите за новата сезона, се очекува зголемен ризик од пожари, од ваков тип. Од ТППЕ Штип повторно предупредија дека една мала искра може да предизвика голема штета.

,,Па моментално кај нас во Општина Штип и Карбинци, ситуацијата е мирна сега за сега, но започнува периодот на орањето и подготовка на нивите. Даваме апел до земјоделците, при орањето да не ги запалуваат своите ниви. Па од претходната година, имавме во овој период запалени ниви. Знаеме дека наместо да ги изорат, тие многу често нивите ги палат.“, кажа Ренџов

Штипските пожарникарите апелираат земјоделците да не ризикуваат, бидејќи огнот многу брзо може да се прошири, особено кога времето е суво и дува ветер. Она што почнува како мало палење на нива, за кратко време може да стане голем пожар и да зафати други ниви, куќи или објекти во близина. Минатата година имало вакви случаи, па затоа од ТППЕ Штип велат дека свесносната кај земјоделците е најважна. Со малку повеќе внимание може да се спречи пожар и да се избегнат големи штети.

Иван Митев, М-Нет