д-р Стојменов: Температурата на телото да се регулира пред и по влегувањето во водите

Верниците кои ќе влезат во студените води по светиот крст треба пред сѐ да се млади и здрави, вели д-р Златко Стојменов. Тој препорачува пред да се одлучат на ваков чекор на заинтересираните лица кои се имаат пријавено во Црквата да им се изврши медицински преглед.

„Треба да се млади и здрави. Сите коишто ќе влезат во водите треба претходно да се прегледаат, да знаат дека се во добра здравствена состојба, без никакво заболување. Во нашата ординација ќе се вршат такви прегледи во договор со Црквата, така што ние ќе вршиме прегледи овие два дена“, вели Стојменов.

По прегледот, односно откако медицински ќе се утврди дека нивната здравствена состојба е стабилна и дека лицата се подготвени за да учествуваат во традиционалниот чин на фаќање на светиот крст, треба да преземат и чекори за стабилизација на телото пред и по влегувањето во водите. За да не дојде до температурен шок кај лицата, треба телото соодветно да се разлади, односно затопли.

„Треба при подготовката да се разладат при соблекувањето, бидејќи телото е загреано. При соблекувањето да го разладат телот, а по излегувањето од водите веднаш да земат топли напитоци, така што тоа се неколку работи кои можат да ги направат“, додава Стојменов.

Со оглед на денешниот Водокрст, односно ден за строг пост, лекарите препорачуваат внесување на потребните нутритивни вредности на организмот, пред сѐ на растителните протеини.

Препорачливо е хронично болните лица, децата и постарите лица да се воздржат од овој религиозен обред. Медицински тимови како и секоја година, така и оваа ќе бидат присутни при фрлањето на светиот крст во случај на потребна интервенција од нивна страна.

Ребека Спасова М-Нет